Софиска ЦСКА оствари голема победа од 4:0 на домашен терен против македонскиот претставник Македонија Ѓорче Петров во реванш натпреварот од второто прелиминарно коло од Конференциската лига.
Избраниците на тренерот Муареми делуваа немоќно во текот на натпреварот, со неколку спорадични закани кон голот на Бугарите, при што најголем проблем имаа од корнерите.
„Црвените“ од Софија го отворија резултатот нешто по половина час на стадионот „Бугарската армија“, кога Георги Јомов нафрли од корнер во шеснаесетникот на „ѓорчевци“ каде Маурицио Гарсес ја упати топката со глава за Јирген Матаи, кој со волеј ја упати топката малку широко под горната греда и го матираше Стевковски.
Избраниците на Саша Илиќ го удвоија водството во 61. минута. Лазар Туфегџиќ му испрати топка на Георги Јомов зад одбраната на гостите во шеснаесетникот на Македонија Ѓорче Петров, а бугарскиот репрезентативец со силен удар ја испрати топката во долниот лев агол на Стевковски.
Водството на ЦСКА на натпреварот беше убедливо во 77. минута, кога Станислав Шопов нафрли од корнер во „црно-жолтиот“ шеснаесетник, Маурицио Гарсес шутираше со глава, топката се одби од гредата и дојде до Туфегџиќ, кој непречен од никого ја смести во голот.
На три минути до крајот на регуларното време, „армејците“ од Софија постигнаа четврти гол, дело на новиот напаѓач на тимот Дукенс Назон, кој ја искористи мешаницата во шеснаесетникот на Македонија по центаршут од корнер и погоди со силен удар од работ на голманскиот простор.
Така ЦСКА со вкупен резултат 4:0 од двете средби се пробива во третото квалификациско коло од Конференциската лига, каде ќе се сретне со победникот од натпреварот меѓу словенечка Мура и ирски Сент Патрик Атлетик.
Фото: Dir.bg