Недозволива е така изјава да се случи. Жал ми е што Агатангел го кажа тоа, вели новинарот Бранко Ѓорѓевски во емисијата „360“ зборувајќи за владиката кој на 14-ти февруари во Кавадарци, ја критикуваше власта, а ги величаше ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски.
Ѓорѓевски вели дека е разочаран и од реакците после таквиот говор на владиката.
-Тој треба да сфати дека згреши во Кавадарци. Вчера го читав неговото соопштение и тој не ја признава грешка. Тоа не е дозволиво во христијанството. Не знам која друга земја и која друга црква си дозволува такви гестови. Ние сме обвинети дека сме партиска црква создадена од комунистичка партија и не знам како ова ќе влијае на понатамошните разговори во процесот на добивање автокефалност на Македонската православна црква (МПЦ), појаснува новинарот, додавајќи дека тешко му паѓаат тие папочни врски меѓу политичарите и владиците во изминатите децении.