Претседателот на македонскиот тим експерти во Мешовитата комисија за историски и образовни прашања Драги Ѓоргиев, за емисијата „Трилинг“ изјави дека придавката македонски е уште еден момент кој непотребно ја обремени работата на комисијата.
„Според мене, внесувањето на проблемот со придавката македонски на извесен начин е и политизирање на работата на Комисијата. Во записникот од седмата средба, бугарските колеги почнаа да инсистираат за редуцирана употреба на придавката македонски. И апсолутно таму каде што станува збор за ентитети кои потекнуваат од современата македонска држава да се користи Република Северна Македонија. На пример, не македонска комисија, туку комисија на Република Северна Македонија“, рече Ѓоргиев.
Според него, двете комисии се формирани со одлуки на владата и последните месеци покажааа дека политиката може да влијае на работата на комисијата, не толку политиката, колку општественото мислење и потенцира дека има тензии и таму и кај нас, кои влијаат на работата на комисијата.
„Има обиди да се оствари политиката преку комисијата, а тие настојуваат да ја тргнаат на страна и комисијата да работи на академско ниво. Во февруари ќе има нова средба со бугарските колеги и треба да се слуша другата страна што зборува и според мене, да се има поголема флексибилност во однос на митологизираната историја кај нас и во бугарското општество за минатото“, вели Ѓоргиев.