Веќе втор ден гори депонијата Буково лоцирана покрај патот Охрид – Ресен. Од партијата Левица обвинуваат дека запален е токсичен пластичен отпад, а темниот облак ја обви преспанската котлина и стигна до туристичкиот центар Отешево.
Порачуваат дека депонијата Буково е една од црните еколошки точки, за која постојано алармираат жителите и еколошките здруженија од овој реон.
Додека нашите туристички центри се гушат во канцероген воздух, градоначалниците на Ресен и Охрид, Јован ТОЗИЕВСКИ и Кирил ПЕЦАКОВ, молчат и се кријат од јавноста! Потсетуваме дека депонијата Буково, според препораките на Унеско, требаше да биде затворена до крајот на 2020 година. Потсетуваме дека пред две години, ДПМНЕ алармираше дека е несфатливо во 21 век да гори депонија и ветуваше изградба на фабрика за отпад, велат од Левица, додавајќи дека локалната власт на ДПМНЕ никаде ја нема да објасни пред јавноста што се презема за ова горчливо прашање.
Изминативе денови екипите на ЈП „Охридски комуналец“ во повеќе наврати излегоа на терен за да ги изгаснат опожарените површини.
Депонијата со механизација се затрупува со земја и се гаси и со беспилотно летало-дрон со течна алга, а до опожарување е дојдено поради излегувањето на метанскиот гас и намерно потпалување од непознато/и лице/а за кои е поднесена соодветна пријава до СВР Охрид од страна на ЈКП Охридски Комуналец, утврдил инспекторот кој бил на увид.