Гошевски: Биткоинот во изминатиов период имаше зголемување од над 70%, но тешко е да се шпекулира каков обем и тек ќе има оваа криптоманија

од Nikola Popovski
958 прегледи

По падот на цената на биткоинот и другите криптовалути во 2022 година, кој беше обележан со банкротства, неуспех на проекти, раст на измами и генерално прилично лоша состојба на пазарот на криптовалути, цената силно закрепна минатата година. Оттаму, биткоинот влезе во 2024 година со нов оптимизам, а на самиот почеток на годината доби силен ветер во грб. Во САД, Федералната комисија за хартии од вредност позитивно одговори на 11 барања за отворање на биткоин фондови за тргување преку размена (ETF). Официјално тргувањето започна од 11 јануари со самото отворање на берзите. Тоа е реализација на долгогодишната цел на многумина во крипто индустријата и силен поттик за раст на цената на биткоинот и другите криптовалути.

Што значи сето тоа и што ќе се случи сега со цената на криптовалутите?

Адвокатот и поранешен регулатор, Душко Гошевски во анализа за „Локално“ информира дека на првиот ден на тргувањето се истргувале скоро 5 милијарди долари. Еден од фондовите, поточно „Grayscale bitcoin trust“ истргувал близу 2.5 милијарди. Тоа го прави фонд со најголем пазарен волумен на прв ден од тргување во историјата на ЕТФ фондовите во оваа индустрија.

-Првичните очекувања беа дека со  привлекувањето  на нови инвеститори да се зголеми капиталот за над 10 – 20 или 50 милијарди долари на годишно ниво што може да влијае секако на покачување на цената на биткоинот. Самиот биткоин во изминатиов период имаше зголемување од над 70%, додава Гошевски.

Сепак вели, дека е многу е тешко да се шпекулира кога имате нова индустрија во најава и каков обем и тек ќе има оваа криптоманија.

-Новите инвеститори кои ќе влезат на овој пазар на капитал може да влијаат на зголемување на цената, но од друга страна, имате инвеститори кои поминаа многу тешки две години со биткоинот и кои можеби ќе сакаат да ги капитализираат своите портфолија или да ги префрлат сега во посигурни фондови. Можно е и одлевање од капиталната маса на една валута за да се инвестира во фонд на таа валута и ќе биде интересно да се следи овој сегмент од индустријата. Ценовните осцилации се можни, но во секој случај, ова е голем чекор за крипто-индустријата и тоа на 15 годишнината од биткоинот, оценува експертот за крипто-пазарот.

Гошевски објаснува дека ЕТФ фонд (exchange tradet fund ) во суштина е инвестициски фонд кој во своето портфолио вклучува или може да вклучи повеќе акции, индекси и потоа со него се тргува на берза. Во случајот, за прв пат е одобрен ЕТФ кој ќе тргува со биткоин валути.

Душко Гошевски

-И досега имаше фондови кои посредно на некој начин вклучуваа или имаа во сопственост криптовалути, но ова е прв пат да се дозволи директно да се тргува со нив, да се купуваат и продаваат директно и во реално време.

Инаку цели 10 години траеше постапката SEC да одобри тргување со криптовалути на официјалните берзи ширум САД. Првото барање беше поднесено во 2013 година и беше одбиено, како и сите барања кои следеа. Сега, после цела низа на регулаторни усогласувања, регулации и легислативни моменти кои значеа стекнување на доверба во оваа индустрија, Комисијата за хартии од вредност на САД се одлучи на ваков значаен и револуционерен чекор и одобри 11 барања на различни инвеститори, објаснува соговорникот.

На прашањето која е најголемата предност, односно зошто да се инвестира во овие финансиски инструменти, Гошевски истакнува дека се работи за посредно инвестирање во биткоини или други криптовалути, бидејќи, во случајот, не мора вие лично да одите на берза, да купувате во сопственост на платформа и т.н. туку тоа за вас го прави фонд кој на дневна основа ќе ги следи и  анализира пазарните карактеристики и ќе носи одлуки во ваше име, додека вие ќе имате удел во инвестицискиот фонд наместо од криптовалутата.

-Го користите знаењето, анализите, предвидувањата  и технологијата на фондот од друга страна фондот наплаќа провизии за тоа. Но мислам дека најголемата предност е во рушење на уште една бариера во прифаќање на оваа крупто – индустрија, советува тој.

Гошевски е дециден дека ова е чекор напред кон мејнстрим финансиите и такви се очекувањата.

-Досега имаше инвеститори со поголема храброст од аспект на инвестирање во ризичен капитал. Се очекува овие фондови сега да ги привлечат и оние постабилни и попретпазливи инвеститори  кои ќе го зголемат тргувањето, но и ќе придонесат за постабилна инвеститорска основа, посочува тој.

Во однос на тоа дали има ризици за идните инвеститори, експертот потенцира дека секако има и секогаш ќе го има на пазарот на капитал.

-Тоа е лекција која секој непретпазлив инвеститор ја има научено барем по еднаш. Но сега ризикот е директно условен од пазарната психологија и тргувањето, а помалку од измамите и понзи шемите бидејќи ЕТФ фондовите имаат многу поголема регулација и претпазливост при носење на инвеститорските одлуки, заклучува Гошевски во својата анализа.

Н.П.

Слични содржини