Време е да ставиме црта под есапот, да видиме “шчо напраифме“ (К. П. Мисирков) за овие две-три години колку што сте на кормилото на СДСМ. Време е и да поразговараме, јавно се разбира, „шчо требит да приме за отнапрет.“

Сега, пред да дојдете на власт во државичето Македонија. А ќе дојдете. Во тоа сум наполно убеден. Дури и во стек на неочекуван, лош развој на настаните.
Кој би бил тој лош развој?
Потсетете се (може да помогне тоа) што рече Ѓорги Иванов кога ги собра новинарите да им објаснува мотиви за неговата масовна аболиција. Рече, некако жално ем пално, дека функцијата претседател на држава не била само ласкава. Била и “ризична.“ Наспрема неговата изворна, професорска, која била “комотна“. Мислам дека разбирате што сакам да кажам.
Тврдоглавото, лудоглаво државиче Македонија си има мега-мерак по многу инает заради инает. Тоа е нејзиниот брендиран, најпознат производ. За извоз. Зошто? Затоа што е вистинска реткост. Тоа е некој l’art pour l’art инает. Во него си наоѓа основа, тоа државиче, да се прави важно. Оти, како што велеше Конески: “кога ќе загуби право да се прави важен еден човек, што му останува на тој човек? Да чемрее довек!“
Значи, со тој инает тоа се подига на прсти. Се топори, дава до знаење што и колку многу зависи од волјата на луѓето-супстанца на тоа државиче. Накусо, си ја дига цената. Се знае, најпосле. Ако сам не си ја дигнеш цената, кој друг ќе ти ја дига? Има нешто врска тој l’art pour l’art инает, голема, силна и цврста според мене, со онаа национална гордост. Таа си оди рака под рака, engagé, со античко-библискиот патриотизам. Тие работи полна деценија, по солена цена, им ги продава пастир Никола на Макденците. Ги купуваат. По заповед на тој. l’art pour l’art инает?
Туку, за тоа зборував веќе. Иако ни оддалеку исцрпно. Ако тој l’art pour l’art инает постои, ако тура нос во секоја манџа, ако од него зависат многу крупни, државни работи, ако без него не може да се дојде на власт, а пак уште помалку да се остане, тогаш треба да се смета со него. За да се смета, треба бездруго и да се дознае што табиет има? Кои се неговите родители? Што сака најмногу, а што мрази не помалку? Сето тоа е крупна и матна мистерија. Ама, според мене, не толку. Мислам дека е во врска со значењето, скриено. „За да значиш, треба да зрачиш.“ Така велеше, своевремено, поетот Гане Тодоровски. Се разбира лирски, заобиколено. Зрачат, како што блескаат ѕвезди, оние кои, со својот и ум и дела, го вклучуваат својот народ, и покрај оној l’art pour l’art инает (или баш за инает на тој инает?) во угледното семејство цивилизирани народи на модерниот свет.
Ние немаме многу такви луѓе кои “зрачат.“ Немаме ни доволно. Или, барем, јас не знам за нив што е поверојатно. Знам за еден таков. Ја издигна македонската наука за јазикот и култура на рамниште на другите науки за јазикот и културата во словенскиот свет. Така стана таа македонистика рамноправна во тоа семејството славистика. Таа славистика се изучува многу во западниот свет. Затоа што се изучува, тој го направи doctor honoris на еден американски универзитет човекот кој направи од македонистиката рамноправна во семејството славистика. Човекот е Блаже Конески.
Ете, дојдов до важна тема. Треба да нè упати кон нашите изгледи и шанси. Ама, за тоа подоцна. Кога ќе се обидам да кажам “шчо требит да се праи за отнапрет.“ Сега се сетив. Знам за уште еден човек од форматот на Конески. Велам од форматот на Конески затоа што и тој ја доби “Хердеровата награда“ која ги лансира своите добитници во клубот елитни научници од светски глас. Тој човек е специјалист по нуклеарна физика.
Се вика Ратко Јанев. Знам уште дека работеше во институтут “Винча“ близу Белград. Веројатно и со Павле Савиќ додека беше жив. Учениот свет многу добро знае што и какво име е тој Павле во областа нуклеарна физика. Ќе кажам нешто згора за тој Ратко затоа што малку се пишува за него. Речеси ништо во медиумите наменети за широка публика. Ќе кажам, а ќе објаснам зошто кажувам кога ќе дојде време за тоа. За Ратко Јанев знаев уште од основното “Петар Мусев“ во Богданци. Тој беше два-три класа пред мене, неприкосновено прво име на осмолетката “Петар Мусев“. Значи, на прво место беше – тој! Потоа огромна празнина. А по неа, некои втори.
Во тоа време се водеше многу сметка за тоа кој ќе биде прв, а кој втор. Како прв, тој ја доби престижната привилегија да нацрта човечки костур на хамер. Тој го нацрта и потоа тој костур кружеше долги години по училниците, на часовите по анатомија. По тој костур тој стана нешто како полубожество кон кое сите се однесуваа со восхит, помешан со потаен страв. Потоа замина некаде, не знам каде. Нашите патишта никогаш не се сретнаа во животот. Со него не сум разменил ниту збор. Го поматем само по лик од тие години. Веројатно има и други од форматот на Конески и Јанев. Би морало да има, иако јас не знам. Јас имам нешто увид во хумантирните науки. Мал или никаков во природните. Затоа и се ограничувам на примери за кои нешто знам.
Впрочем, знаењето е ограничена работа, господине Заев. Само незнаењето и глупоста се безгранични. Туку, што сакам да ви кажам со овие два примера? Сакам да ви кажам дека и еден народ со l’art pour l’art инает изнедрува луѓе – гордост на човештвото. (Велам – гордост на човештвото! Не велам годост на нацијата. Велам, затоа што значиш ако си нешто во очите на светот.) Стануваат, иако нуклеарниот физичар Јанев не учел физика по програма на Кембрич, со која сосила нè преродува „забеганиот“ груевизам. Како што ни Конески не учел по Кембрич-граматики. Учел по руски, .српски и бугарски. Ќе се обидам да фрлам нешто повеќе светло за тоа каде сте вие во сето тоа и околу тоа. Ќе помогне тоа светло подобро да разбереме “шчо требит да праиме за отнапрет“. И – како.
Атанас Вангелов
фејсбук статус