Гости од меѓународни финансиски институции и владини претставници од земјата и регионот на конференцијата „Економско заздравување и раст по Ковид“

од Vladimir Zorba
430 прегледи

Министерството за финансии на 6 и 7 септември 2021 година во Скопје ја организира Првата годишна конференција „Економско заздравување и раст по Ковид“ во рамки на Економскиот и финансиски форум.

Високи гости од меѓународни финансиски институции, владини претставници од земјата и регионот, експерти, претставници на невладиниот и бизнис сектор ќе имаат можност два дена да споделат искуства, да разменат идеи и да дадат одовори за глобалните и регионалните перспективи на постпандемиско закрепнување и раст.

Конференцијата ќе ја отворат министерот за финансии, Фатмир Бесими и претседателот на Владата, Зоран Заев, по што ќе се одржат два панели на коишто високи претставници треба да дадат свои видувања на темата, а нивните излагања треба да дадат одговори на клучни прашања – Како можат политиките најдобро да го поддржат растот; Kои се главните предизвици за одржување на безбедноста во светот што се менува; Kои фискални и монетарни мерки помогнаа на бизнисот и работните места; како и Kои се ризиците од предвремено повлекување на фискалните стимулирачки мерки.

На првиот панел насловен „Глобални и регионални предизвици и изгледи за опоравување и раст“, свои обраќања ќе имаат Ана Бјерде, потпретседател на Светска банка за Европа и Централна Азија, Кејт Мери Брнз, амбасадор на САД во РС Македонија, Ендру Вајт од Охфорд универзитетот, заменик претседателот на Влада, Артан Груби, министерката Радмила Шеќеринска и Мајлинда Брегу, генерален секретар на РСС, како и Хаолианг Ху од УНДП.

На вториот панел ќе се дебатира на тема „Макроекономските политики и јавните финансии во време на пост-пандемија“, а говорници ќе бидат министерот за финансии, Фатмир Бесими, министрите за финансии на Косово и на Албанија, Хекуран Мурати и Анила Денај, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, регионалниот директор на СБ за Западен Балкан, Линда Ван Гелдер, Алфред Камер од ММФ и претседателот на Комисијата за финансирање и буџет во Собранието на РСМ, Тимчо Муцунски.

„Добро владеење и социјална кохезија“ е насловот на третиот панел, на којшто свое обраќање ќе имаат министрите Спасовски, Маричиќ, вицепремиерот Николовски, како и Дејвид Гир амбасадор на ЕУ во РС Македонија, амбасадорката на Велика Британија, Рејчел Галовеј и Барбара Колм, заменик претседател на Австриската Централна Банка.

Вториот ден од Конференцијата е посветен на јавните и приватните инвестиции и конкуреноста, зелена економија, како и човечкиот капитал и инклузивен развој, а воведни обраќања ќе имаат претседателот на државата Стево Пендаровски и Петре Шилегов градоначалник на Град Скопје.

На првиот панел на тема „Јавни и приватни инвестиции и конкурентност“, се очекува да бидат презентирани идеи за можностите за поголема инволвираност на приватниот сектор. Говорници на овој панел ќе бидат вицепремиерот Фатмир Битиќи, потпретседателот на ЕИБ, Лилјана Павлова, потпретседател на ЕБРД, Јурген Ригтеринг, министрите Бектеши и Бочварски, регионалниот директор на ИФЦ за Централна и Југоисточна Европа, Ари Наим, како и претседателите на трите најголеми стопанските комори, Азески, Арсовска и Хоџа.

Во петтиот панел „Паметен и зелен раст на економијата“ говорници се еврокомесарот Паоло Џентилони, извршниот директор на Конституенцата во ММФ, Пол Хилберс, директорот на СБ за РС Македонија, Масимилијано Паолучи, регионалниот директор на МИГА за Европа и Централна Азија, Олга Шловскаја, постојаната претставничка на УНДП во РС Македонија Нарине Сахакјан и министерот Насер Нуредини.

Конференцијата ќе се заокружи со панел посветен на човечкиот капитал кој е клучен за развој и раст на економијата. На темата „Човечки капитал и инклузивен раст“ се очекува да бидат презентирани идеи кои ќе дадат одговор како да се зајакне образовниот и здравствениот систем, како и други клучни прашања во овој дел.

Говорници ќе бидат Ролф Вензел, гувернер на Развојната банка на Советот на Европа, министрите Филипче, Царовска, Османи, Милевски, Стефоска, како и Хари Патринос, менаџер за образование во СБ за Европска и Централна Азија и Јамеле Риголини, програм лидер за човечки развој во СБ за Западен Балкан.

Завршните заклучоци од Конференцијата ќе бидат презентирани од министерот за финансии Фатмир Бесими, заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски и државниот секретар во Министерството за финансии Јелена Таст.

Идејата за организирање на оваа меѓународна конференција произлезе од заложбата на Министерството за финансии како инститиуција за промовирање и спроведување инклузивен дијалог со социјалните актери. Оваа конференција треба да ги постави темелите и во иднина да прерасне во конференција со традиција и силно влијание во регионот и Европа.

Слични содржини