Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар поведе постапка против жител на Гостивар кој им се заканувал на сопругата и децата дека ќе ги заколе.
Според Обвинителството, 43-годишниот гостиварец, во повеќе наврати, со телефонски јавувања и СМС-пораки, се заканувал на ќерката и сопругата со кои извесен период не живееле заедно.
На 8 март тој и лично дошол пред станот во кој престојувала сопругата со нивните три деца, ѕвонел на домофонот и по кратка расправија ѝ се заканил дека „сите дома ќе ги заколе“. Полициските службеници, вршејќи проверки по пријавените закани, констатирале дека осомничениот и претходно е пријавуван за повеќе кривични дела, меѓу кои и за загрозување на сигурноста и телесна повреда при семејно насилство, па од тие причини станува збор за сериозни закани спрема оштетените.
Осомничениот е лишен од слобода, а надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Гостивар поднесе предлог за определување мерка притвор поради опасноста тој да се даде во бегство или да го повтори делото.