Граѓани се жалат на хаосот со дивите тераси на ул. „Македонија“, Општина Центар најавува нивно отстранување

од Nikola Popovski
183 прегледи

На најпознатата скопска пешачка улица во центарот на Скопје, има голем број кафулиња со поставени тераси, па личи на сѐ само не на шеталиште. Терасите на некои од кафулињата се распослани и до крајот на улицата, односно до тарабите од се уште неизградената црква „Свети Констандин и Елена“. Граѓаните се жалат на хаосот, па од таму ја прашавме општина Центар што ќе се превземе и дали има нелегални тераси, со цел да им се излезе во пресрет на барањата на жителите.

Од општината за „Локално“ обелоденија дека дел од терасите од кафулињата и угостителските објекти на територија на општината немаат соодветна документација и дека ќе се започне со нивно отстранување.

-Секторот за инспекциски работи веќе постапи по нелегалната градба на бутикот „Шејн“ на улица Македонија, а во наредниот период ќе продолжи со засилени контроли на повеќе локации во општината каде имаме сознанија дека терасите немаат соодветна документација. Општината апелира до сите сопственици и управители на локали, кафе барови и ресторани да се придржуваат до законите и да го почитуваат важечкиот правилник за поставување на урбана опрема, објаснија од општината предводена од градоначалникот Горан Герасимовски.

Општина Центар информира и дека наскоро се очекува завршување на изградбата на црквата „Св. Константин и Елена“ на улица Македонија, која беше започната да се гради уште во 2012 година.

-Општина Центар на барање на МПЦ нема да ги отстрани тарабите и истите ќе останат се до завршување на финалните работи на објектот, кои наскоро ќе бидат готови, информираа од општината за „Локално“.

Од таму појаснуваат дека одлуката кругот на црквата да остане ограден е пред сѐ поради безбедносни причини.

-Ова се должи на фактот дека над камбанаријата сѐ уште се извишува кран, објаснуваат од општината.

За да добијат дозвола за летна тераса локалите мораат да изготват елаборат за тоа колку маса и на кое растојание ќе им бидат поставени. Потоа откако ќе добијат дозвола им се одредува комунална такса која изнесува 15 денари за метар квадратен од ден.

Герасимовски неодамна најави дека ќе се започне со засилени инспекциски контроли на застаклените тераси на рестораните, кафе баровите и останатите локали.

-Со оваа активност започнуваме да воведуваме ред во начинот на поставување и одржување на летните тераси на кафеаните, рестораните, кафе баровите и другите локали кои вршат дејност на подрачјето на Општина Центар. Целта е да се отвори просторот и да се ослободат јавните површини и да не им пречат на граѓаните, затоа што јавниот простор е наше заедничко добро, рече речиси пред еден месец градоначалникот на општина Центар.

Н.П.

Слични содржини