Министерот за економија, Крешник Бектеши денеска појасни дека со одлуките на Владата и воведените блок-тарифи, повеќе нема поплаки во делот на цената на електрична енергија.
-АД ЕСМ е професионална компанија која доставува предлог до Владата на затворена седница. Цената на ЕСМ кон универзалниот снабдувач ја носи Владата. Оваа Влада на чело со Ковачевски така ќе продолжи. Согласно нашите проекции, од денеска можам да кажам дека кризата нема да биде на товар на граѓаните, домаќинствата и на малите потрошувачи. Што и да се случи со производството на ЕСМ и во енергетскиот систем, граѓаните никогаш нема да плаќаат повеќе од тоа колку што моментално плаќаат, рече Бектеши како одговор на новинарско прашање за цената на електричната енергија на денешната прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски и првиот човек на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.