Град Скопје распишува нов повик, приватните превозници очекуваат повторно да возат

од Nikola Popovski
146 прегледи

Градот Скопје денеска ќе распише нов повик за вклучување на приватните превозници во јавниот превоз во главниот град. Ова следува откако пред пет дена беше соопштено дека приватните автобуски превозници постигнале договор со Градот за исплаќање на долгот од 1,5 милиони евра.

Од Градот потенцираат дека јавниот повик ќе ги содржи условите за аплицирање како и во претходните два јавни повици, со тоа што ќе може да аплицира секој превозник кој планира чесно и одговорно да се држи до договорот за јавен превоз.

-На овој јавен повик, нема да можат да учествуваат „Слобода Превоз“ и „Макекспрес“ поради пречките кои произлегуваат од претходниот, сега раскинат договор кој предвидуваше забрана за учество на јавен повик доколку договорот се раскине пред истекот на истиот и по нивна вина, порачуваат од таму.

Напоменуваат дека Град Скопје нема никаков долг кон превозниците и тврдат дека договорните одредби предвидуваат единствено услови за вршење превоз на територија на градот.

Приватните превозници се надеваат дека со своите автобуси на улиците ќе се вратат од 20-ти март.

Приватните автобуски превозници уште од ноември минатата година протестираа и не сообраќаа поради долгот што го имаше Градот и ЈСП кон нив. Следуваше блокирање на повеќе раскрсници во градот Скопје, како и на гаражите на ЈСП и бараките каде што се наоѓа администрацијата на Град Скопје.

Јавниот градски превоз, во меѓувреме продолжи да сообраќа само со автобусите на ЈСП, а Град Скопје објави два огласи за приватни превозници на кои не се пријави ниту една компанија.

Слични содржини