Град Скопје поднесе кривична пријава против Цементарница Усје

од Nikola Popovski
152 прегледи

Од Град Скопје денеска информираа дека официјално е поднесена кривична пријава против Цементарницата „Титан – Усје“ поради загадувањето на воздухот предизвикано од испуштање на поголема концентрација на ПМ 10 честички од дозволеното.

Одговорност освен од правното, се бара и од одговорното лице – Борис Хрисафов, кој како надлежен за спроведување на обврските кои произлегуваат од А интегрираната дозвола која ја издава Министерството за животна средина и просторно планирање, не се придржувал кон истите обврски за максимално дозволените граници на испуштање на штетни гасови во амбиенталниот воздух.

-Цементарницата „Титан Усје” испуштала значително поголема концентрација на ПМ10 честици од котлите за загревање кои работеле на мазут, наместо на природен гас, при мерењата извршени на 3 и 4 јануари. Односно, наместо дозволениот максимум од 50 микрограми/м3, од оџакот се испуштале 121 микрограми/м3 секој час.

Исто така, забележано е зголемување на испустот на азотни оксиди за најмалку два пати, односно наместо дозволените 350 мг/м3, се испуштале 711 мг/м3 секој час.

Производниот процес на цементарницата „Титан Усје” е непрекинат и се одвива секој час од секој ден во текот на годината.

Поради овие дејствија, против цементарница „Титан Усје” и одговорното лице Борис Хрисафов, на иницијатива на градоначалничката на градот Скопје Данела Арсовска, денес се поднесе кривична пријава согласно членот 234 од Кривичниот законик „Тешки дела против животната средина и природа” во врска со член 218 од истиот закон насловен како „Загадување на животната средина и природа”.  За овие дела е предвидена затворска казна.

Апелираме до Основното Јавно Обвинителство во Скопје, темелно да ги истражи наводите и да постапи по истата соодветно. Граѓаните на градот Скопје недозволиво е да бидат жртви на профитите на неколкумина кои со децении не трујат, и кои не смеат да бидат амнестирани од одговорноста за загадувањето на животната средина од кое илјадници граѓани страдаат од бројни заболувања, стои во соопштението на Град Скопје.

Слични содржини