Град Скопје: Целата државна администрација е снабдена со спорната вода од Косово

од Nikola Popovski
53 прегледи

Агенцијата за храна и ветеринарство соопшти дека ги контролира сите пратки со увезена изворска вода од Косово, откако лабораториските тестови открија присуство на колиформни бактерии во примерок од вода увезена од Приштина. АХВ соопшти дека „од секоја пратка изворска вода и безалкохолни пијалоци со потекло од Косово ќе се земаат лабораториски примероци за испитување на микроорганизми, согласно Правилникот за специфични барања кои се однесуваат на микробиолошките критериуми за храна“. Во исто време, агенцијата објави дека исто така, ги засилила контролите на овошјето и зеленчукот увезени од сите земји, за следење на остатоците од пестициди. Беше наведено и дека производите нема да бидат пуштени на пазарот без резултати кои ќе ја потврдат нивната безбедност.

-Спорната пратка не е пуштена во промет и се наоѓа во магацинот на увозникот, додека институцијата презема дополнителни мерки за заштита на потрошувачите, истакнуваат од Агенцијата.

Град Скопје жестоко реагираше на обвинувањата објавени во некои медиуми дека во институциите под негова надлежност се служи контаминирана вода, оценувајќи ги ваквите медиумски извештаи како неетични и непрофесионални. Од Градот потенцираат дека не само нивните установи, туку и голем дел од државната администрација се снабдува со вода од истиот економски оператор, компанијата „Даути комерц“ од село Бојане. Град Скопје, повикувајќи се на податоци од Бирото за јавни набавки приложи список на 23 договори за набавка на вода од истата компанија, склучени со различни институции, како што се:

-Општина Кисела Вода
-Министерство за јавна администрација
-Општина Чаир
-ЈПДП Државни патишта
-Републички Совет за безбедност на сообраќајот
-Агенција за поддршка на претприемништво на РМ
-Студентски дом „Кочо Рацин“ и други.

Во реакцијата се нагласува дека Град Скопје нема добиено никакво известување од Агенцијата за храна и ветеринарство дека водата што ја користат институциите е неисправна. Тие посочуваат дека сите набавки се прават преку законски предвидени тендерски процедури, при што се купуваат производи кои имаат дозвола за продажба во земјата.

Колиформни бактерии се организми присутни во околината и во изметот на сите топлокрвни животни и луѓе. Колиформните бактерии не можат да предизвикаат болест. Сепак, нивното присуство во водата за пиење покажува дека организмите кои предизвикуваат болести (патогени) може да се наоѓаат во системот за вода, се вели во соопштението на Министерството за здравство на САД. Имено, доколку во примерок од вода се најдат колиформни бактерии, операторите на водните системи работат на пронаоѓање на изворот на контаминација.

Слични содржини