Град Скопје: Дали со донацијата автобуси од Белград се подготвува лице блиско до руските безбедносни служби повторно да влезе во дејноста со јавен превоз и со помош на ВМРО-ДПМНЕ да го приватизира ЈСП?

од Nikola Popovski
461 прегледи

Не ни е јасно дали некој го мести да делува недоветно или самиот си верува во лагите кои ги кажува и со кои редовно се бламира пред јавноста, велат од Град Скопје преку соопштение по повод вчерашната изјава на градоначалникот на Кисела Вода и прв човек на ЗЕЛС, Орце Ѓеорѓиевски по најавите за евентуална донација на автобуси од Белград за Скопје.

Од Кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска велат дека „ако ја следиме логиката на Ѓорѓиевски, тогаш, сите градоначалници во земјава според него се неспособни да си ја вршат работата, а особено градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ каде се обавува јавен превоз“.

-Глупоста во изјавата на Ѓорѓиевски дотолку повеќе излегува на виделина, ако во предвид земеме дека Владата до овој момент не е способна со сопствени средства да набави автобуси за општините и градот Скопје, иако ние понудивме средствата за набавката да ги префрлиме на сметка на Владата а тие да ја спроведат набавката, наведуваат од Град Скопје.

Во соопштението стои дека Град Скопје има пласирани информации во јавноста дека „автобусите „соларис“, за кои раководството на Град Белград најавило дека ќе ги донира во Македонија, се наменети за сите градови во земјата“.

-Ако ја следиме логиката на Орце Ѓорѓиевски, тогаш сите градоначалници во земјата, според него, се неспособни да си ја вршат работата, а особено градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, каде што се обавува јавен превоз, наведуваат од Град Скопје и прашуваат „дали со оваа донација од Белград се подготвува ова лице, „блиско до ВМРО-ДПМНЕ и руските безбедносни служби“, повторно да влезе во дејноста со јавен превоз и со помош на ВМРО-ДПМНЕ да го приватизира ЈСП“.

-Дали оваа најавена бизнис зделка е причината зошто Советот на Град Скопје раководен од ВМРО-ДПМНЕ системски го уништува ЈСП Скопје, не дозволува набавка на нови автобуси и зошто не се исплаќа Владиниот долг од 8 милиони евра кон ЈСП за превозот на студентите, стои меѓу другото во соопштението од Кабинетот на Арсовска.

Ѓорѓиевски го оценува како добар потегот на Белград, кој според најавите, би требало да отстапи автобуси „Соларис“ на Скопје, но смета дека од друга страна тоа говори за несериозниот пристап на градоначалниката на Скопје и неможноста таа да се справи со предизвиците.

„Во Скопје има бројни проблеми, еден од најголемите и крупен проблем е поврзан со градскиот превоз. Една голгота што нашите граѓани ја трпат повеќе од две и пол – три години откако Арсовска е на чело на Град Скопје и сметам дека таа треба да има посериозен пристап во надминувањето на проблемот. Ова е добар потег на градот Белград што сака да подаде рака кога гледа дека град Скопје е во тотален хаос, но тоа говори за несериозниот пристап на градоначалничката и неможноста да се справи со она што значи предизвик и решавање на проблемите со градскиот превоз“, изјави Ѓорѓиевски.

Веб-сајтот „Е-капија“ објави дека одреден број автобуси од марката „Соларис“ кои се меѓу најквалитетните и најсигурните возила во белградскиот превоз, најверојатно за неколку месеци ќе станат дел од скопскиот јавен превоз. Станува збор за полските автобуси „Соларис Урбино 18“, од кои во последниве 15-ина години во Србија се обезбедени над 200 вакви автобуси.

Слични содржини