Град Скопје до ВМРО-ДПМНЕ: Службеници на Тошковски од МВР се фатени за диви приклучоци на вода

Град Скопје: Полициски службеници на Тошковски се фатени како крадат вода

од Nikola Popovski
131 прегледи

Град Скопје одговори на денешните прозивки од ВМРО-ДПМНЕ. Според локалната власт, „кога најголемата владеачка партија обвинува за недостаток на вода во град Скопје, заборава да додаде дека токму полициските службеници на Панче Тошковски од МВР се фатени за диви приклучоци на мрежата на ЈП Водовод и канализација во Шуто Оризари и за истите МВР по службена должност нема поднесено кривична пријава за кражба“.

Oд Град Скопје истакнуваат дека исто и на дивоградбата каде беше физички нападната градоначалничката Данела Арсовска, „беше утврден див незаконски приклучок на вода, а Тошковски дозволува таму да се продолжи со градба и се стави во одбрана на насилникот Сулејман Љамалари“.

-Во услови на рекордна потрошувачка од 356.000 м³ дневно и во просек по фатени и спречени 30 нови диви приклучоци секој ден, некој се уште глуми политички загриженост. Додека едни крадат вода и не плаќаат ни денар, граѓаните кои чесно си плаќаат, трпат поради пад на системот. Потрошувачката на вода овој месец достигна рекордни 356.000 м³ на ден, што значи дури 700 литри дневно по глава на жител, највисоко ниво досега, соопштуваат од Кабинетот на Арсовска.

Според градската локална власт, само во последниве денови, дневно се откриваат по 30 нови диви приклучоци низ Скопје, бројка која постојано расте.

-Одговорноста е јасна. Проблемот не е водата, проблемот се оние што ја добиваат џабе и институциите што ги штитат, додаваат од Град Скопје.

Според ВМРО-ДПМНЕ, додека Арсовска мисли дека се занимава со висока политика и слугува на ДУИ и СДСМ половина Скопје нема вода.

-Додека Арсовска не може да стане од скутот на ДУИ и СДС, ЈП Водовод праќа соопштенија дека граѓаните треба да пијат помалку вода, затоа што е лето и најверојатно сите пијат повеќе. Жално е до кое дереџе го донесе Данела Арсовска градот. Веруваме дека на Арсовска и е удобно прегратките на ДУИ и СДС, каде треба да одработува секакви работи, само не тоа што и е работа, но доколку 4 години се позанимаваше со водоводната мрежа, и со обновување на истата не само што ќе немаше проблем со притисокот, туку и големи загуби кои ги има сега, немаше да ги има, кажаа од партијата на Христијан Мицкоски.