Град Скопје ги активира итните мерки против аерозагадувањето – бесплатен јавен превоз, запирање на градежните работи и поскапен паркинг

од Aleksandar Petrovski
240 прегледи

Бесплатен јавен превоз, запирање на градежните работи и поскапен паркинг се меѓу редицата итни мерки од надлежност на Градот Скопје кои стапуваат во сила од вечерва од 18 часот.

Како што соопштија од Град Скопје, објавените итни мерки и препораки за намалување на загадувањето на воздухот, кои ќе стапат во сила денеска од 18 часот, се во согласност со Законот за квалитет на амбиентниот воздух, а на барање на Владата и Министерството за здравство. Се преземаат по добиеното известување од Министерството за животна средина дека квалитетот на воздухот последователно два дена е надминат над законски пропишаниот минимум, односно над 175 μg/m3 на мерните станици во Карпош и во Лисиче.

Мерките и препораки на Градот Скопје предвидуваат: од 18 часот воведување бесплатен јавен превоз во автобусите на ЈСП и во автобусите на приватните превозници, се до моментот на намалување на загадувањето, за што јавноста дополнително ќе биде известена. Се прекинуваат и сите градежни активности на градилиштата под своја надлежност, воедно, се повикуваат сите градоначалници од општините во град Скопје, да ги прекинат градежните активности на градилиштата во нивна надлежност. Цената на паркирањето на паркиралиштата на Градски паркинг од овој момент двојно се зголемува и тоа важи се до укинувањето на итните мерки.

Град Скопје, се наведува, изминатите недели вршеше интензивен инспекциски надзор на инсталациите што се во негова надлежност со мерење на емисии во воздух. Притоа извештаите се објавуваат редовно во јавноста. Интензивирана е и контролата на градилиштата, односно возилата што излегуваат од градилиштата, кои, се посочува, мора да имаат измиени тркала и да се покриени со церади заради контрола на прашината.

-Го задолжуваме ЈП „Комунална хигиена“ да го продолжи интензивното чистење на градските улици и булевари што се во надлежност на Град Скопје и им препорачувам на скопските општини да го направат истото на улиците што се во нивна надлежност. Град Скопје врши зајакната контрола на имателите на одобренија за доставување на стока преку Инспекторатот на Град Скопје. Воедно го повикуваме Министерството за внатрешни работи да спроведе засилени контроли на правните субјекти кои поседуваат одобренија за доставување на стоки издадени од страна на Градот Скопје. Апелираме до вработените во Град Скопје, јавните претпријатија и институции на работа да доаѓаат со автобусите на јавниот превоз. Ги повикуваме градоначалниците на општините во градот Скопје да ги интензивираат инспекциските надзори над субјектите кои управуваат со отпадни гуми и отпадни масла, се меѓу мерките објавени од Град Скопје.

Воедно, се повикува Министерството за внатрешни работи да спроведе ограничување на обуките на автошколите од 9,30 до 14,30 и по 18,00 часот, Министерството за животна средина, Државниот инспекторат за животна средина и општините да извршат засилени контроли над инсталациите што се под нивни ингеренции. Воедно се бара од МВР да ги зајакне контролите на почитување на забраната за движење на тешки товарни возила чијашто крајна дестинација не е Градот Скопје и кои ќе се упатуваат да ја користат скопската обиколница, во согласност со поставената сообраќајна сигнализација, како и да врши зачестени контроли на издувните гасови на возилата кои учествуваат во сообраќајот.

Слични содржини