Град Скопје ги намали хонорарите и бројот на членовите на управните и надзорните одбори

„Со новата одлука, надоместок ќе се исплаќа само тогаш кога навистина ќе се одржи седница. Исто така, ги намалуваме и износите, па наместо 12.000 денари за претседател и 10.000 денари за член, новите лимити изнесуваат 10.000 и 8.000 денари“, соопшти градоначалникот Ѓорѓиевски

од Nikola Popovski
14 прегледи Фото: Фејсбук

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи синоќа информираше дека ја намалуваат висината на надоместокот за членовите на управните и надзорни одбори и дека ќе го кратат и бројот на членови.

„Јавното управување мора да биде одговорно, рационално и насочено кон интересот на граѓаните. Затоа, на денешната седница на Советот на град Скопје, која продолжува и во вечерните часови, донесовме важна одлука со која ја намалуваме висината на надоместокот за членовите на управните и надзорни одбори и го кратиме нивниот број. Оваа промена е исправка на неправилностите што со години се повторувале“, истакна Ѓорѓиевски синоќа во објава на Фејсбук.

Во минатото, како што вели, се исплаќале месечни надоместоци дури и во услови кога седници воопшто немало, што создавало непродуктивни трошоци кои граѓаните ги плаќале.

„Со новата одлука, надоместок ќе се исплаќа само тогаш кога навистина ќе се одржи седница. Исто така, ги намалуваме и износите, па наместо 12.000 денари за претседател и 10.000 денари за член, новите лимити изнесуваат 10.000 и 8.000 денари. Паралелно, го редуцираме и бројот на членови во управните одбори. Таму каде што некогаш имало и по 14 членови, бројката се ограничува на седум“, посочи градоначалникот.

Тој додаде дека ова е уште еден од чекорите со кои ги кратат непродуктивните трошоци и воспоставуваат ред во работењето на Град Скопје.

Слични содржини