Град Скопје го раскина договорот за тунелите под Кале: Наплатена е банкарската гаранција која изнесува педесет илјади евра

од Nikola Popovski
122 прегледи

Град Скопје одлучи да го раскине договорот за проектирање на тунелите под Кале.

Од градот на 12 јуни лани склучиле договор со турската фирма „Мега инженеринг консалтинг АД“ која заедно со Заводот за испитување на материјали и развој на нови технологии од Скопје, за 6 месеци требаше да ја проектира сообраќајницата, мостот преку Вардар и тунелите под Кале. Поради сложеноста на проектот и пандемијата на ковид-19, рокот беше продолжен за плус 6 месеци, но ниту тој рок не е испочитуван, па договорот е раскинат.

„Дадовме разумен рок дел од тие работи да може да се испеглаат како анекс на договорот, меѓутоа за жал и во тој дополнителен рок од страна на избраниот понудувач, немавме ниту доволно квалитетна документација, ниту пак некоја гаранција што ќе гарантире дека проектирањето ќе биде успешно завршено“, изјавил Петре Шилегов, градоначалникот на град Скопје

Поради не исполнувањето на договорот, градот веќе ја наплатил банкарската гаранција која изнесува педесет илјади евра.

Шилегов вели дека сериозноста на проектот не трпи импровизација, па според него би било подобро подолго да се планира целиот комплекс. Тој не се откажува од овој капитален проект за Скопје, најавува нов тендер за проектант и верува дека до крајот на својот мандат ќе ја почне реализацијата на долго најавуваната идеја за тунели под Кале, сообраќајница која е зацртана во Генералниот урбанистички план уште во 1964 година.

Според проценките реализацијата на овој проект ќе чини околу 30 милиони евра.