Град Скопје ја разреши директорката на „Лајка“ преку телефонски повик, „Анима Мунди“ бара повлекување на одлуката

„Тешко е да се зборува за доблест и принципи кога пред избори се повикува на хуманост, соработка и заедничко градење систем“, порачаа од Здружението за заштита на животните до градоначалникот Ѓорѓиевски

од Nikola Popovski
19 прегледи Фото: Фејсбук

Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ ја информира севкупната засегната јавност дека Град Скопје донеле одлука за разрешување на директорката на ЈП „Лајка“, Радмила Пешева- активист на „Анима Мунди“ и долгогодишен борец за системско и хумано решавање на проблемот со бездомните животни. Како што информираат, оваа одлука се соопштила преку телефонски повик до активистката, без претходен состанок, образложение и или било каква базична институционална комуникација.

„Во изминатиот период, како организација, до Градот беа доставени исцрпни документи, предлог измени на закон, хоризонтални усогласувања на институционалните надлежности, како и стратешки и акциски план за унапредување на ЈП „Лајка“ под мотото „ЗА СКОПЈЕ, ШТО СЕ ГРИЖИ“. Тоа беше концепт заснован на хуманост, систем, одговорност и долгорочно празнење на улиците од нови бездомни животни преку закон, ред и координирана институционална работа. Денешната одлука, за жал, покажува дека ова не е такво Скопје“, посочуваат од здружението.

Оттаму упатија критики кон градоначалникот Орце Ѓорѓиевски дека тешко е да се зборува за доблест и принципи кога пред избори се повикува на хуманост, соработка и заедничко градење систем – „вие не повикавте, за да се произнесете по нашите јавно адресирани барања до сите кандидати на градоначалник – а за разрешувањето на активист од раководна позиција во ЈП „Лајка“ дознаваме преку телефонски повик“.

„Анима Мунди“ истакнува дека ваквата одлука претставува јасен морален и политички избор и бараат нејзино повлекување.

„Не поради позиција, уште помалку една функција на наш член. Туку поради принципите, довербата и концептот што беше изграден, и поради животните. Затоа што Скопје заслужува институции што се грижат. А не институции што се контролираат без каков бил аргумент и со усни наредби. И затоа што ние, активисти кои веќе 15 години здружено и волонтерски, без финансиска надомест дејстуваме и немаме ниту една дамка во досегашното функционирање, од Лајка нема да се повлечеме никогаш“, стои во соопштението.