На предлог на градоначалничката Данела Арсовска, Советот на Град Скопје на денешната седница, врз основа на член 36 од Законот за локалната самоуправа, според Законот за јавни установи и Закон за урбанистичко планирање, донесе Одлука за основање на Јавна установа за урбанизам на Град Скопје КЕНЗО ТАНГЕ.
Целта на основањето на Јавната установа за урбанизам е подигање на стандардите и квалитетот на вршењето на работите од урбанистичкото планирање, како и за обезбедување на оптималните услови за вршење на дејноста уредени со Законот за урбанистичко планирање, а едновремено ќе се елиминираат постапките на надворешни јавни набавки и тендери за проектирање на објекти на Град Скопје.
Јавната установа за урбанизам покрај дефинираните надлежности согласно со Националната класификација на дејности ќе учествува во изработка и донесување на генерален урбанистички план на Град Скопје, спроведување и следење на спроведувањето, ќе изработува урбанистички планови и урбанистички проекти и учествува во нивното донесување, спроведување и следење на спроведувањето, изработка стручна ревизија на урбанистички планови и урбанистички проекти согласно условите за вршење на ревизија пропишани со закон, изработува проектно-техничка документација за инфраструктурни и супраструктурни објекти, како и надзор над имплементација на истите, изработува студии, експертски елаборати и програми поврзани со планирањето и уредувањето и просторниот развој на градот.