Град Скопје ќе го проширува булеварот „Теодосиј Гологанов“ од домот „Гоце Делчев“ до Влае

од Nikola Popovski

Градот Скопје отпочна со проектирање на ново сообраќајно решение, како реализација на уште едно ветување од програмата „За модерно Скопје“. Станува збор за проект кој пред граѓаните бил ветуван со децении, а за истиот досега не била изготвена ниту проектна документација.

Проектот за проширување на булеварот „Теодосиј Гологанов“ од крстосницата кај студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Тафталиџе, ќе се протега преку улица Војвода Васил Чакаларов до крстосницата со булеварот „Ѓорче Петров“ кај Порта Влае. Новиот урбанистички проект за линиска инфраструктура предвидува изработка на проект во сите фази, поточно сообраќаен проект, инсталации за јавно осветлување, водоводна, фекална и атмосферска канализација, со сите подземни и надземни инсталации.

Со проширувањето и изградбата на булеварско решение со 4 коловозни ленти и изградба на нов мост на реката Вардар, сообраќајниот метеж на оваа делница значително ќе се намали, а воедно ќе се зголеми безбедноста за сите учесници во сообраќајот.

Ова е од исклучителна важност за сите граѓани, бидејќи бул. Митрополит Теодосиј Гологанов заедно со бул. Партизански одреди се главните сообраќајни артерии во овој дел од градот, како и главната влезна артерија кон централното градско подрачје од западниот влез на Скопје.

Со реализацијата на овој проект се исполнува уште едно децениско барање на граѓаните кое досега не е ниту отпочнато со проектирање. Град Скопје како имплементација на проектите од програмата ја реализираше и изградбата на водоводна и канализациска мрежа и целосна реконструкција на бул. Митрополит Теодосиј Гологанов од раскрсница со бул. Св. Климент Охридски до кружниот тек кај Католичката црква.

Слични содржини