Град Скопје тврди дека во Дрисла не се согорува опасен отпад без дозвола, откако тоа денеска на прес-конференција го кажа првиот човек на Државниот инспектарот за животна средина.
-После долго време на некомпетентност и негрижа во работењето, за само една година откако Дрисла се врати во надлежност на Град Скопје, ова јавно претпријатие прерасна во санитарна депонија која применува современи технологии за управување со отпадот, а целокупниот нејзин економски потенцијал е ставен исклучиво во служба на граѓаните. Откако ЈП Дрисла е повторно во надлежност на Градот набави нов стерилизатор за третман на медицински отпад од познатата италијанска марка ЦИСА, што е иновативен систем целосно автоматизиран со висока технологија и квалитет. Со набавката на стерилизаторот се стави крај на неодговорното и несовесно постапување со медицински отпад, односно несоодветната обработка на медицинскиот отпад, којшто потоа завршуваше на Дрисла како обичен отпад, што претставуваше потенцијална опасност за животната средина и за здравјето на луѓето. Во ЈП Дрисла освен медицински отпад кои се третира согласно предвидените процедури, не се согорува друг вид опасен отпад без дозвола, се вели во реакцијата.
Според Град Скопје, Дрисла постапува по забелешките на Инспекторатот и има поднесено барање за скратување на бараните шифри за опасен отпад.