Град Скопје набавува нови валидатори за старите и дотраени автобуси?

од Nikola Popovski
4,9K прегледи

Се подготвува промена на валидаторите во сите автобуси на ЈСП Скопје, односно нов систем за наплата на карти. Фирма од Бугарија е предвидено да биде новиот снабдувач, неофицијално дознава „Локално“ од свои извори. Се шпекулира дека тендерот ќе биде во висина од 2,5 милиони евра.

Нашата редакција во текот на вчерашниот ден испрати прашања до Град Скопје, со цел да ги потврди информациите, но, како и многу пати досега, од градската администрација не испратија никаков одговор.

Сепак, како и за другите одлуки, така и оваа одлука за набавка мора да помине низ Советот на Град Скопје, а искуствата од минатото, кога се работи за ЈСП Скопје, покажуваат дека нема поддршка од мнозинството советници.

Пред неколку дена, градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска повторно побара да се изгласа одлуката за набавка на нови автобуси. Потсети дека поранешниот градоначалник Коце Трајановски набави 250 кинески автобуси со средства од Владата, а во мандатот на Петре Шилегов беа купени 33 автобуси со одлука на Советот за кредитно задолжување, за која тогаш гласале и советниците од ВМРО-ДПМНЕ. Таа нагласи дека како градоначалник нема интегеренции и не може сама да донесе одлука за набавка и дека тоа мораат да го направат советниците и на тој начин да ги решат проблемите на граѓаните со превозот.

За состојбата во која се наоѓа јавното скопско претпријатие, информираше и новиот директор, Драги Кушовски Тој ги замоли советниците во Град Скопје да остават се на страна и да започнат да работат за да им помогнат на граѓаните.

-Помошта не може да биде инстант – од денес за утре. Ве известуваме дека возниот парк во ЈСП Скопје располага со 190-200 автобуси и со ова абројка во моментов не можеме да го опслужиме летниот возен ред. Колку и да работиме и да имаме желба, колку и да сакаат возачите, не се во состојба да го исполнат возниот ред. Мораме да ги острануваме аномалиите. Од септември, кога ќе се смени зимскиот возен ред, ситуацијата ќе биде полоша бидејќи се зголемува бројот на автобуси. Да не ни се расипе ниту еден автобус, ќе имаме недостаток на 100 автобуси за да го исполниме возниот ред. Во моментов, имаме недостаток од околу 40-50, во зависност од нивното одржување, рече Кушовски на 50-тата седница на Советот на Град Скопје.

Околу ситуацијата со клима-уредите во автобусите, Кушовски информираше дека не работат уредите на 27 превозни средства. Оттаму, рече Кушовски, потребни се напори за набавка на нови автобуси.

-Имаме бесплатен превоз на студентите, а ЈСП три години нема добиено пари. Немаме добиено денар од МОН. Претпријатието само не успеало да ја зголеми наплатата на билетите. Ние де факто имаме бесплатен превоз, а де јуре немаме бесплатен превоз, одговори Кушовски на советничко прашање.

На прашањето зошто претпријатието е во ваква состојба кога добива големи субвенции, Кушовски одговори дека се зголемени трошоците за превоз, а цената за превоз и натаму е иста.

Повторно против одлуката за нови автобуси не гласаа советниците од ВМРО-ДПМНЕ, без никаква дискусија и објаснување, иако овојпат не се бараше кредитно задолжување. Предложената одлука за набавка беше прифатлива за 17 советници. За да добие „зелено светло“ за неа требаше да гласаат 23.

В.З.

Слични содржини