Град Скопје: Од денес аплицирајте за субвенции за велосипеди и електрични тротинети

од Nikola Popovski
425 прегледи

Градот Скопје ги објави повиците за доделување субвенции за купување велосипеди и електрични тротинети во 2021 година. Аплицирањето на овие повици ќе биде онлајн.

Граѓаните ќе можат да доставуваат фискални сметки за купен велосипед или електричен тротинет од почетокот на годинава, поточно од 1 јануари 2021 година. Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во износ од 50% од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице, и 30% од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 7.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход. Повикот ќе биде отворен до исцрпување на средствата, а ќе се спроведува по принципот „прв дојден – прв услужен“.

Право на учество на овие повици имаат жителите на Град Скопје (во општините Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар, Чаир и Шуто Оризари), кои ќе купат нов велосипед или електричен тротинет во Република Северна Македонија од 01.01.2021 година се до исцрпувањето на буџетот наменет за јавните повици.

Во Буџетот на Град Скопје за 2021 година за субвенции за велосипеди и за електрични тротинети се предвидени 10 милиони денари од кои 8,5 милиони денари за велосипеди, а 1,5 милиони денари за електрични тротинети. Согласно со предвидените финансиски средства, Градот годинава ќе додели субвенции за околу 2.800 велосипеди и околу 215 електрични тротинети.

На двата повика за доделување субвенции за купување велосипеди и електрични тротинети граѓаните можат да се пријавуваат електронски, преку Интернет-страниците на Град Скопје и Скопје лаб.

Слични содржини