Град Скопје: Се гаснат подметнати пожари на депонијата во Визбегово

од Nikola Popovski
15 прегледи

Здружени екипите на Инспекторат на Град Скопје, Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, ЈП Комунална хигиена, ЈП Улици и патишта Скопје и ЈП Водовод и канализација Скопје, со цистерни и тешка механизација повеќе часови работеа за гаснење на подметнатите пожари на депонијата во Визбегово. Веќе се локализирани и изгасени две од вкупно пет опожарени локации, информираа од Град Скопје.

Инспекторатот за животна средина вчера затекнал, сред палење депонии, лица на повеќе локации за кои е изречена глоба и изготвен поднесок до соодветните институции за одговорност. За време на викендот инспекторите за животна средина на градот Скопје и комуналните инспектори имаат санкционирано со изречени казни над 25 сторители.

„Се досега единствено градот Скопје реагира, иако на територијата на градот има вкупно 14 институции коишто во вакви ситуации имаат надлежност и обврска да постапуваат, но за истото не се постапува иако имаат законска обврска. Апелираме до Владата на Р. Македонија, а особено до Министерството за животна средина за кое ова е основна и исклучива надлежност за постапување, на овој проблем да му пристапи сериозно, да реагира на пријавите на градот Скопје за поажурно контролирање на нелегалното исфрлање на отпад и негово палење низ градот што е казниво и според кривичниот законик на Р. Македонија, но и едновремено да ги ангажира и останатите надлежни институции, да започнат да постапуваат за детекција и санкционирање на сторителите“, се вели во соопштението од Град Скопје.

Слични содржини