Град Скопје се уште не ги дава ингеренциите за Универзална сала на Владата за да може да ја реновира. Ова денеска го истакна премиерот Димитар Ковачевски. Според него, Градот Скопје е напуштен, без управа и немаат слух.
-Пред две години ВМРО-ДПМНЕ ветуваше дека ќе имаме европски град и дека ќе добиеме мајка на градот која заедно со нив ќе го унапреди градот, дека ќе имаме бесплатен автобуски превоз, електрични автобуси, сообраќајници и мостови. Ако дојдете во Скопје ќе видете дека нема ништо од тоа, истакна Ковачевски по посетата на Центарот за заштита на податоци и опоравување од катастрофи во Прилеп.
На 20 јули годинава, со 26 гласа „за“, Советот на Град Скопје ја прифати иницијативата за времено предавање на ингеренциите за реконструкција на Универзална сала на Министерството за култура.
Иницијативата за времено предавање на ингеренциите на Министерството за култура е доставена до градоначалничката Данела Арсовска, која Советот ја задолжи заедно со службите во рок од седум дена да изготви и предлог-одлука за префрлање на ингеренциите околу обновата на салата. Во заклучокот од Советот се наведува и дека се задолжува градоначалникот на Град Скопје да подготви договор за промена на инвеститорот на Универзална сала од Град Скопје во Министерство за култура.
Универзална сала не работи 7 години. Почна да се реновира во септември 2021, но по доаѓањето Арсовска градежните работи беа прекинати. Таа го обвини минатото раководство дека е виновно што концертната сала не се гради како и дека е небезбеден проектот.