Град Скопје со 10 милиони денари субвенции за велосипеди и електрични тротинети

од Vladimir Zorba
515 прегледи

Градот Скопје утре ќе ги објави повиците за доделување субвенции за велосипеди и електрични тротинети во 2021 година.

Во Буџетот на Град Скопје за 2021 година за субвенции за велосипеди и за електрични тротинети се предвидени 10 милиони денари од кои 8,5 милиони денари за велосипеди, а 1,5 милион денари за електрични тротинети. Согласно со предвидените финансиски средства, Градот годинава ќе додели субвенции за околу 2.800 велосипеди и околу 215 електрични тротинети.

Граѓаните ќе можат да доставуваат фискални сметки за купен велосипед или електричен тротинет од почетокот на годината, поточно од 01 јануари 2021 година. Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во износ од 50% од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице, и 30% од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 7.000,00 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход. Повикот ќе биде отворен до 30 ноември 2021 година или до исцрпување на средствата, а ќе се спроведува по принципот „прв дојден прв услужен“.

Во минатите три години, Град Скопје додели над 10.000 субвенции за граѓаните што купија велосипед и вкупно 527 субвенции за граѓаните што купија електричен тротинет.