Град Скопје со 22,6 милиони денари ќе набавува нови униформи, ЛЗО Иинтервентни одела и одела за техничка интервенција и шумски пожари, како и зимски обувки за пожарникарите. Ова го тврдат од таму во изјава за „Локално“, откако вчера Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) објави дека на 30-те територијални противпожарни единици во земјава им недостигаат најмалку 536 пожарникари за да имаат барем толку вработени колку што е законски пропишаниот минимум.
Од Центарот наведоа дека само четири од сите 30 противпожарни единици имаат повеќе пожарникари од законскиот минимум (и тоа само по еден или двајца), додека шест други единици имаат токму толку колку што бара минимумот.
На останатите 20 единици им недостигаат вкупно 536 пожарникари за да го задоволат законскиот минимум. Најмногу пожарникари, повеќе од 200, му недостигаат на главниот град Скопје. Од Град Скопје велат дека од аспект на бројот на пожарникари, тие работат на пополнување на капацитетите на Противпожарната бригада со цел на стигнување на евроспкиот просек кој е околу еден пожарникар на околу 1.500 жители, додека моменталната состојбата во Скопје е еден пожарникар на околу 3.500 жители.
„Во 2019 година беа вработени 20 нови пожарникари, а во Буџетот на Град Скопје за 2020 година, предвидени се средства за нови 25 пожарникари. Додаваат дека секоја година од буџетот на Град Скопје се издвојуваат средства за подобрување на опременоста на пожарникарите, каде секоја година се набавува нова опрема и возила за подобрување на нивната опременост и ефикасност. Минативе години набавен е нов симулатор за пламени удари кој се користи за вежби преку симулација на реални услови на пожар. Беше набавен нов разгласен систем и во целост беа заменети гаражните врати“, велат од градот за „Локално“.