
Триесетина паднати дрвја врз улици и тротоари, бандери и електрични кабли причиниле позначајна штета врз автомобили и друг приватен имот, пријавиле граѓаните до Градот Скопје кој денеска итно свика состанок на Градскиот штаб за заштита и спасување.
„Сите јавни претпријатија, Противпожарната бригада и сообраќајната полиција со сиот свој човечки потенцијал се на скопските улици во заеднички напори да се отстранат проблемите во најбрзо време. Во моментов екипите на Градскиот штаб за заштита и спасување приоритетно работат на расчистување ба булеварите и градските улици, а потоа се продолжува со помалите општински улици. Се очекува поголемите проблеми да бидат отстранети во текот на денешниот ден“, информираат од Град Скопје.
Градот ги повика граѓаните на трпение и на помош на јавните претпријатија за отстранување на проблемите од невремето.
Од МВР соопштуваат дека сообраќајот по улиците во Скопје по невремето е нормализиран. Пренасочувања имало кај кружниот тек кај хотелот Континентал и на улица „Цветан Димов“. Пријавено е оштетување на 10 возила.
Од невремето во полиција е пријавено оштетување на кровни конструкции на објекти на ул. „Владимир Комаров“ и „Карл Либкнехт“.
(ФОТО) Паднати дрвја, оштетени автомобили од невремето, екипите на терен расчистуваат
Кратка но поројна бура со ветрови од над 80 км/ч претпладнево го зафати Скопје и предизвика бројни штети врз јавниот и приватниот имот и зеленило.