„Изразуваме жалење што опозицијата континуирано одбива да биде дел од иднината на нашиот град. Наместо паушалните соопштенија, тие имаа можност да дојдат и да учествуваат во денешната експертска дебата. За жал, наместо да учествуваат во една конструктивна дебата за идниот урбан развој на Скопје, тие одлучија да пласираат паушални соопштенија“, реагираат од град Скопје на соопштението на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која смета дека проектот за брз автобуски превоз во Скопје ќе предизвика сообраќаен хаос.
Според нив, ВМРО-ДПМНЕ 30 години говореше за воведување на трамвај во Скопје, но тоа никогаш не се случи.
„За разлика од ваквите лажни ветувања, Град Скопје годинава го започна воведувањето на БРТ системот на брз автобуски превоз и тој после 40 години за граѓаните ќе стане реалност“, потенцираат од градот.
ВМРО-ДПМНЕ е децидна дека зелените коридори кои сега ги најавува Шилегов ќе се направат сообраќаен хаос во градот Скопје.
„Овој проект е многу скап за Град Скопје. Системот е неосмислен и набрзина изведен без да се земат предвид сите други фактори кои влијаат во сообраќајното уредување на градот“, велат од опозициската партија.