Здружението на градежни инспектори на Република Северна Македонија денес се огласи со реакција во врска со, како што наведуваат, неточното прикажување на законските надлежности на општинските градежни инспектори во дел од медиумите.
Во соопштението, Здружението изразува длабоко жалење за трагичниот настан што ја потресе јавноста и упатува искрено сочувство до семејствата на загинатите, како и желби за брзо закрепнување на повредените. Истовремено, нагласуваат дека ќе соработуваат и ќе придонесат за целосно откривање на вистинските одговорни за несреќата.
Реакцијата се однесува на обвинувањата за наводна неактивност на градежен инспектор од Општина Кочани во случај поврзан со објектот „Дискотека ПУЛС“. Здружението укажува дека ваквите тврдења произлегуваат од неразбирање или игнорирање на законската рамка.
„Согласно Законот за градење, општинските градежни инспектори постапуваат исклучиво во делот на изградба, реконструкција, одржување, уривање и слично. Тие немаат надлежност да вршат надзор врз дејноста што се одвива во објектот, како што се угостителски активности. За тоа се надлежни други институции – Државниот пазарен инспекторат, инспекторатот за угостителство и други“, се наведува во соопштението.
Дополнително се појаснува дека градежните инспектори може да постапуваат само по службена должност или по претставка, но исклучиво во рамките на своите законски овластувања.
„Нема законска основа градежен инспектор да утврдува дали објект има дозвола за угостителска дејност, дали е соодветно заштитен од пожар или дали ги исполнува условите за работа како кабаре бар. Обвинувањата во таа насока претставуваат грубо погрешно толкување на нивните надлежности и нанесуваат штета врз професионалниот углед на инспекциската служба.“
Здружението најавува дека ќе ги информира сите надлежни институции и медиуми за овие факти и ќе побара повлекување на неточните и неосновани тврдења.