Градинките бараат потврди, училиштата се подготвуваат, од септември започнува и сезоната на грип

од Берта Китинска

Конечната одлука за тоа какво модел ќе се примени за старт на школската година и започнувањето со работа на градинките ќе се знае по 10-ти август.

Она што  досега на јавноста и е познато дека одложување нема да има, па се очекува децата да седнат во училишните клупи на први септември.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера гостувајќи во Канал 5 телевизија, помеѓу другото тој се осврна и на едно од најчесто поставувание прашања, и прашање кое буди огромен интерес кај населението а тоа е, дали од септември учениците ќе започнат со одење во училиште и дали и кога градинките ќе почнат со работа.

„Имаме два предизвика а тоа се желбата да ги отвориме градниките и училиштата и во исто време ќе заврши летото и ќе отпочне сезона на грип.Се водат интензивни разговори со двете министерства за протоколите за да отпочне наставата во училиштата и да се отворат градинките. Не може да се предвидат исти мерки и кај малите и кај поголемите деца. Подготвени се протоколи и за едните и за другите. Во наредните денови прво за предлог протоколите ќе се произнесе Комисијата. Откако ќе се усогласат со евентуалните забелешки на Комисијата, протоколите ќе се разгледаат и усвојат на седница на Владата.Нашиот став е дека децата не може да не одат на училиште, но мора да имаме прецизни протоколи и принцип на работа. Според препораките најверојатно ќе има помали групи на деца во смена, ќе има повеќе смени и часовите веројатно ќе траат пократко. Ќе се препорача што пократко време во затворени простории, носење маски, а наставниците да добијат што помал број на деца во групи. Честата дезинфекција на рацете секако дека се подразбира. Не можеме да седиме затворени, бидејќи ваквата ситуација ќе потрае“, изјави Филипче.

Меѓувреме Министерството за образование објави упатство и едукативни видеа за како училиштата треба да се чистат и дезинфицираат со цел тие да бидат спремни да ги примат учениците.

Во нив се препорачува, влезовите, училниците, предметите во објектот, а особено тоалетите да се чистат детално и да се дезинфицираат редовно, додека задолжениот персонал, пак, да носи соодветна заштитна опрема кога го прави тоа.

Покрај ова, секое училиште мора да формира тимови за реакција во случаи на итна ситуација, кои би биле составени од вработени кои ќе направат план за заштита за спасување и евакуација.

Додека пак градинките испратија соопштеније до родителите во кое ги информираат дека  доколку сакаат детето да почне да оди во градинка од септември, мора да докажат дека не можат да работат од дома.

„За установата да ја има реалната бројка на деца што би отпочнале од септември, би ве замолиле вашите потврди да ги доставите до објектот каде што престојува вашето дете во периодот од 10 до 14 август“, пишува во пораките.

Освен податоците од работодавецот што треба да ги содржи потврдата за родителите, на неа треба да биде напишано име и презиме на детето, објект и воспитна група каде што престојува.

Слични содржини