Градинките во Карпош безбедно ги отворија вратите за децата

од Nikola Popovski

Почна приемот на деца во градинките „Орце Николов“, „Мајски цвет“, „Распеана младост“ и „Пролет“ во Општина Карпош. Како што информираат од Општината, приемот бил реализиран на безбеден начин почитувајќи ги сите заштитни мерки и протоколи за заштита од коронавирусот.

Градоначалникот на Општината, Стефан Богоев, кој утринава беше во посета на градинката „Орце Николов“ истакна дека локалната самоуправа и директорите ги презеле сите мерки за заштита од вирусот Ковид-19.

Тој додаде дека Општина Карпош ќе излезе во пресрет и ќе финансира вработување и на нови хигиеничари во објектите и воспитен кадар, секако, онаму каде што има потреба. – Општина Карпош ќе излезе во пресрет и ќе финансира вработување и на нови хигиеничари во објектите и воспитен кадар, секако, онаму каде што има потреба.

Не можам да тврдам дека нема никаде да се појави проблем, затоа што вирусот Ковид – 19 уште е непредвидлив и со силен интензитет. Треба да бидеме свесни дека доаѓа и сезона на сезонски грип и потенцијално повисоко аерозагадување. Сепак, тврдам дека хигиената во објектите и подготвеноста на кадарот во Карпош е на едно високо ниво, рече Богоев.

Како што посочи, објектот на „Мајски цвет“ во Тафталиџе 1 ќе започне да работи од 14 септември, затоа што оваа градинка целосно се реконструира.

Од Општината информираат дека изминативе денови е спроведена целосна дезинфекција, дезинсекција и дератизација во единаесет предучилишни установи.

Оттаму посочуваат дека во текот на летниот период беа направени и повеќе реконструкции. Во голем дел од објектите, како што наведуваат во соопштение, се промени стариот под и се постави ПВЦ површина (линолеум), која е поотпорна на бактерии и полесна за одржување. Во сите градинки се спроведе и дезинфекција на душеците и теписите од страна на сертифицираната фирма „Clean Max Macedonia“.

– Локалната самоуправа на сите деца, родители, воспитно – административен кадар им посакува успешен почеток. Во претстојниот период да бидеме одговорни. Да не ги криеме информациите, да ги почитуваме мерките и протоколите, да покажеме повисока свест и толеранција, информираат општинските власти.

Слични содржини