
Градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев се сретна со работниците на „Фени индустри“ кои денеска протестираа пред неколку филијали на банки поради иницираното барање за стечајна постапка.
– Тие изразуваат револт. Се видов со нив заедно со пратеникот Панчо Минов. Мислам дека е позитивно што во преговорите е вклучен вицепремиерот Анѓушев, премиерот Заев и мислам дека за скоро време ќе се најде соодветен начин таа фирма да продолжи со работа, да се најде нов инвеститор, нагласи Јанчев.
Рече дека има информација оти и банките кои се најголеми доверители со повеќе од 42 милиони евра се добро расположени и сакаат да се најде нов инвеститор и фирмата да не оди во стечај.
– Се надевам дека Владата заедно со Парламентот ќе изнајде некое преодно соодветно решение додека се најде инвеститор, за да може потоа да се стартува со производство и вработените да немаат прекин во работниот однос, рече Јанчев.