Градоначалникот Мерко на обвинителна клупа, местел директори без законска основа

од Марта Пешевска
14 прегледи

Основниот суд во Струга денеска продолжи со судењето на градоначалникот Рамис Мерко, обвинет за незаконско назначување директори во неколку основни училишта. Предметот ги опфаќа училиштата „Гоце Делчев“ во Подгорци, „Мурат Лабуништи“ во Лабуништа и „Ашим Агуши“ во Радолишта.

Во друг поврзан предмет за училиштето „Браќа Миладиновци“ во Струга, беа сослушани двајца сведоци, а на следното рочиште е планирано да биде сослушан технички советник. По ова, судот ќе ги чуе завршните зборови и ќе донесе пресуда.

Следното рочиште е закажано за 19 јуни, кога одбраната ќе ги изнесе своите завршни зборови за сите четири споени предмети, а потоа ќе биде соопштена пресудата. Судечкиот судија Јордан Јованов истакна дека поради обемноста на случаите, одбраната побара дополнително време за подготовка.

Во својата одбрана, Мерко изјави дека не сторил ништо противзаконски и дека само го потпишувал она што му го доставувале службите. Тој додаде дека доколку ги прекршил законите, Министерството за образование и наука би му ги одзело ингеренциите, што, како што рече, не се случило.

Градоначалникот посочи дека поранешниот министер за образование Јетон Шакири бил информиран за ситуацијата и му објаснил дека е законски дозволено да се назначи в.д. директор и лице кое не е вработено во училиштето, доколку нема кандидати од вработените. Исто така, според Мерко, министерот лично ги предложил назначените директори, кои, како што рече, немале средба со него.

Тој изрази недоумение како тој да биде обвинет, а не и министерот, бидејќи законот ја дава истата одговорност и на двете страни. Исто така, рече дека министерката за образование Весна Јаневска на почетокот на учебната 2024/25 година назначила в.д. директори во две училишта, кои не ги исполнувале условите.

Мерко нагласи дека сите директори си ја вршеле работата чесно и одговорно, и дека според извештаите на инспекторите, тој направил само прекршок, но не и кривично дело.

Покрај овој случај, градоначалникот се соочува и со други обвиненија за несовесно работење. Пред неколку дена, Основниот суд во Струга го ослободи од обвинението за набавка на луксузен автомобил „Ауди“ вреден 67.000 евра. Мерко е и на „црната листа“ на Соединетите Американски Држави, поради сомневања за корупција.

Слични содржини