Градоначалникот на Неготино бара помасовно вклучување на авиони, ер-трактори и хеликоптери

од Nikola Popovski
37 прегледи

И денеска интензивно се одвиваат активности за гаснење на големиот пожар на планината Серта од неготинска страна. До моментот на објавување на ова известување само за кратко се интервенираше од воздух со 2 хеликоптери, додека изостана вклучувањето во гаснењето на пожарот од други воздухоплови како што се ер трактори и авиони за гаснење пожари, соопшти градоначалникот на Неготино, Горан Стојанов.

Според него, во најголем дел гаснењето се одвива од земја со механизација и човечки ресурси со вклучување на војници, полиција, пожарникари, ловџии и други доброволци.

Стојанов апелира до надлежните во ЦУК за итно и помасовно вклучување на авиони, ер трактори и хеликоптери во гаснењето на пожарот на планината Серта од неготинска страна.

Во моментов пожарот е најсилен во месноста Дуњица и токму на оваа локација е потребна интервенција од воздух.

Хеликоптерите кои интервенираат на Серта од денес наместо од акумулацијата Мантово, со вода се полнат од базените кои Црвениот крст ги постави кај село Софилари-штипско.

Трет ден борба со огнената стихија се води и во Општина Радовиш, каде пожар од ваков обем немало со децении. За непристапните планински места очекуваме интервенција од воздух, вели градоначалникот.

Заради пожарот кај Пепелиште сè уште во прекин е сообраќајот на регионалниот пат Штип – Неготино.

Слични содржини