Градоначалникот на Нови Сад: Доколку го донесеме буџетот ќе одвоиме 10 милиони динари за помош на семејствата на загинатите во Кочани

од Даниел Ѓорѓиевски
51 прегледи

Градоначалникот на Нови Сад, Жарко Мичин, пред денешната седница на градскиот парламент изјави дека, доколку советниците го усвојат буџетот, ќе бидат издвоени 10 милиони динари за поддршка на семејствата на жртвите од трагичниот пожар во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани.

„Горд сум што нашата држава беше меѓу првите што испрати помош, а Градот Нови Сад, доколку се усвои буџетот, ќе одвои 10 милиони динари за помош на семејствата на настраданите“, изјави Мичин.

Пожарот, кој избувна на 16 март во 2:30 часот, одзеде 59 животи, а 162 лица беа повредени. Според истрагата, дискотеката немала соодветни противпожарни мерки, немала дозвола за работа, а пиротехничките средства биле користени незаконски.

Државниот обвинител на Северна Македонија, Љупчо Коцевски, соопшти дека е покрената истрага против 14 лица осомничени за катастрофата. За нив е побаран 48-часовен притвор, додека обвинителството работи на собирање докази за поднесување обвинение.

Во меѓувреме, вчера во Скопје, на платото на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, беше одржан масовен собир во чест на загинатите во оваа трагедија.

Слични содржини