Вечерва заврши вонредната седница на Советот на град Скопје, околу проблемот со платите во ЈСП Скопје.
Беше усвоен заклучок со кој се задолжува градоначалникот со надлежните сектори најдоцна до петок 21-ви октомври до 12 часот, да достави одлука до Советот на град Скопје за прераспределба на средства за ЈСП Скопје, како би се овозможило непречено работење на претпријатието.
За заклучокот гласаа 24 советници, без ниту еден против или воздржан.
-Доколку добиеме предлог-одлука за прераспределба на средства за помош на ЈСП и пред тој рок, ќе бидете известени за нова вонредна седница уште во текот на утрешниот ден, рече претседавачот со Советот, Трајко Славески.
Следната редовна седница е закажана за петок во 14 часот.
Засега нема реакција од синдикатите во ЈСП кои во текот на денот најавија штрајк и прекин на возните линии за утрешниот ден.