Денеска е крајниот рок за префрлање на парите од финасиската помош кој државата има ја дава на граѓаните од четвртиот сет на мерки.
– Средствата ќе им бидат исплатени на граѓаните согласно законското решение. Ние од тоа не се откажуваме, рече министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска за исплатата на 6.000 денари од четвртиот пакет финансиска поддршка од Владата која, меѓу други категории граѓани, им следува и на самохрани родители.
Граѓаните коишто се со блокирани сметки, согласно законот, се прераспределуваат во банка која има техничка можност да ги исплати средствата на засебна сметка, информираа од Владата за оние граѓани на кои треба да им се исплати помош од 6.000 денари.
„Владата стори сé да ги ослободи граѓаните од административни процедури со цел средствата да стигнат до сите на кои им се потребни во најбрз можен рок, а средствата да може да се користат за она за што на граѓаните им се најпотребни,“ информираа од Влада.
Здружението на банкарски клиенти „Ануитет“ апелира до банките сите од најранливата категорија граѓани да ја добијат помошта од 6.000 денари и од овие пари да не наплаќаат други побарувања.
Според „Ануитет“ финансиската помош не стигнала до сите граѓани. Од здружението велат дека повеќе граѓани биле засегнати од овој проблем кој настанал поради несоодветна, како што велат, „намерна или ненамерна организација од страна на банките“ околу спроведување на четвртиот пакет помош, со кој Владата донесе еднократна мерка за финасиска помош од 6.000 ден на повеќе од 270.000 граѓани, или вкупно околу 27 милиони евра.
Еднократната помош се однесува на граѓаните со низок доход, корисници на пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица на возраст од 16 до 29 години, самохран родител, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници, со пресек на 27-ми септември, односно денот кога беше објавен четвртиот пакет на економски мерки.