Движењето Млади за Македонија на платформата change.org стартуваше петиција за укинување на покачувањето на струјата и намалување на ДДВ на 5%.
Меѓу другите барања се и укинување на високата тарифа на цената на електричната енергија, формирање на засебен фонд за покривање на сметките на лицата со финансиски потешкотии, кој фонд ќе биде финнасиран од профитот на „универзалниот снабдувач со електрична енергија“ ЕВН ХОМЕ ДОО Скопје и законско решение за загарантиран откуп на електричната енергија од фотоволтаици произведена од домаќинствата и нејзин откуп во сооднос 1:1.
„Ние, граѓаните на Република Македонија,
Револтирани од покачувањето на цената на електричната енергија за домаќинствата за 7,4%,
Вознемирени од последиците од покачувањето на цената на електричната енергија врз цените на производите и услугите во Република Македонија,
Бесни поради континуираното осиромашување на народот и државата од страна на странските монополи,
Загрижени за нашите сограѓани кои поради актуелната пандемија нема да можат да ги покријат своите сметки за електрична енергија и поскапите намирници, ја покренуваме оваа иницијатива“, пишува во петицијата упатена до Регулаторната комисија за енергетика, Собранието, Министерството за економија, Владата и Претседателот на земјава, која е потпишана од над 1.200 лица досега.