Граѓаните на Србија покренаа петиција за разоружување на таканаречените „лојалисти“ на Српската напредна партија, кои според српскиот претседател Александар Вучиќ брои 17.000, а ги води неговиот брат Андреј Вучиќ и се подготвени „да го бранат до смрт Александар Вучиќ“.
„На 31 декември 2024 година, граѓанинот Александар Вучиќ, моментално на функцијата претседател на Србија, ја извести јавноста за постоењето на паравоената формација „Лојалисти“ како гостин во емисијата „Вести“ на ТВ Прва. Со пребарување на АПР лесно може да се утврди дека не е регистрирано такво здружение“, стои во барањето потпишано од загрижени родители и граѓани.
Беше истакнато дека формацијата, според самиот Вучиќ, брои повеќе од 17 илјади членови.
Самиот Вучиќ изјави дека членови на таа организација се неговиот брат Андреј Вучиќ, главниот уредник на таблоидот „Информер“ Драган Ј. Вучиќевиќ и уште еден неименуван член на семејството Вучиќ.
„Според зборовите на граѓанинот Александар Вучиќ, споменатата паравоена формација е подготвена да се бори против сите оние кои се на другата политичка страна во однос на Српската напредна странка, а оваа подготвеност членовите ја потврдија со крвна заклетва“, се наведува во петицијата.
Понатаму се додава дека, со оглед на тоа што јавноста беше информирана за постоење на паравоена формација на телевизиска програма со национално покривање и дека со оглед дека формирањето на толку голема паравоена формација не би можело да помине незапазена на безбедносните структури, граѓаните на Србија „очекуваат надлежните органи да земат официјална изјава од граѓанинот Александар Вучиќ за сознанијата за кои зборувал“.
Постоењето на ваква голема паравоена формација претставува закана за уставниот поредок и граѓаните очекуваат надлежните органи да ги идентификуваат и разоружаат и да ја информираат јавноста за идентитетот на нејзините членови, се наведува во иницијативата.