Граѓани од Македонија и Србија ѝ должат над 2,5 милиони евра на Општина Ќустендил

Градоначалникот на Ќустендил објаснил дека ова претставува сериозен проблем за Бугарија и побарал помош од тамошните надлежни институции

од Nikola Popovski
175 прегледи

Над 5 милиони лева (2,5 милиони евра) се долговите кон општинската каса во Ќустендил од страна на граѓани од Македонија и Србија. Ваков податок бил изнесен за време на седницата на Советот на Општина Ќустендил за време на дискусиите за усвојување на конечниот годишен план на Општината за 2025 година, објавија дел од бугарските медиуми.

Како што се наведува, градоначалникот Огњан Атанасов објаснил дека износот претставува акумулирани долгови на граѓани од земји надвор од Европската Унија, главно од пограничните региони на Република Македонија и Република Србија.

Тој нагласил дека по преземањето на функцијата, биле испратени писма до тамошните Гранична полиција, Државниот инспекторат за безбедност во сообраќајот, Министерството за внатрешни работи и Министерството за транспорт, како и дека е одржан состанок со заменик-министерот за финансии.

„Објаснивме дека ова е сериозен проблем не само за општината, туку и за државата. Тоа се луѓе кои регистрираат компании со капитал од 2 лева, стекнуваат финансиска компетентност, купуваат камиони под лизинг, а потоа ги отпуштаат вработените заради самата компетентност. Камионите заминуваат за Западна Европа и никогаш повеќе не ја преминуваат границата на Бугарија“, објаснил Атанасов, пренесува бугарски „Фокус“.

Градоначалникот додал дека се водени разговори и со претставници на Националната агенција за приходи и дека се поднесени соодветните поднесоци. Должностите се доделени и на извршителите, но, како што велат, засега без успех.

„Направивме сè што е можно, но во пракса нема што да им се одземе“, коментирал градоначалникот на Ќустендил.