Граѓаните бараат орден за храброст за младиот Јован од Виница кој спаси повеќе животи во кочанската трагедија

од Nikola Popovski
1,K прегледи

Јован Костадинов од Виница е еден од хероите на големата трагедија кога во неделата во утринските часови избувна пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, при што загинаа 59 лица, а речиси 200 се повредени. Голем придонес во спасувањето на повредените дал и младиот Јован (19) кој во моменти на хаос, страв и паника успеал да влезе во дискотеката и да спаси многу животи.

Во повеќе објави на социјалните мрежи, граѓаните му се заблагодаруваат на Јован, за кого велат дека е „тивкиот херој“ на колективната трагедија што ја обви цела земја во темнина, му се восхитуваат и ги повикуваат властите да му доделат орден за храброст.

„Беше надвор за време на пожарот, успеа да најде вода во близина, ја натопи маицата, ја стави на лице и без двоумење влезе внатре низ страничната просторија за да спаси луѓе“, се вели во една од објавите на социјалните мрежи.

За неговиот подвиг сведочи и мајката Јадранка Бреслиева која тврди дека Јован ѝ го спасил детето и на грб го однел во болница.

„Со голема благодарност и емотивна почит, би сакал да го споделам херојскиот чин на Јован Костадинов од Виница, кој не само што ги спаси животите на 21 деца во трагичната несреќа во ноќниот клуб во Кочани, туку го спаси и мојот син. Во најтемните моменти на паника и хаос, кога сите беа збунети и во страв, Јован се појави како светлина на надеж. Без да размислува, го зеде мојот син кој беше под рушевините на дискотеката и го носеше на својот грб низ огнот и чадот, се до болницата во Кочани, со цел да го спаси, додека сите наоколу бегаа и се бореа за својот живот.

Јован е вистински херој – младо момче со големо срце и неописива храброст, кој го ризикуваше својат живот за да спаси туѓи животи.

Јован на тебе ти го должам новото утре, новата насмевка, новата надеж и новиот живот на мојот син. За тебе нема зборови кои можат да го искажат моето благодарност и почит.

Благодарност од дното на срцето. Ти ми го даде најголемиот подарок што може да го добие една мајка, го спаси животот на моето дете. Ти ќе останеш засекогаш во моите молитви и во нашите срца“, напиша мајката на својот Фејсбук профил.

Еден од хероите е и Илчо Гочевски. Возачот на Брзата помош Иле Гоцевски, кој на 16 март цела ноќ превезувал повредени лица по пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, а починал кога си дошол дома, ќе биде постхумно одликуван, кажа вчера министерот за здравство Арбен Таравари.

-Тој ден сите работевме повеќе од 20 часа. Јас немам информација колку часа возачот работел, меѓутоа неспорно е дека направил огромна работа со превозот на пациенти. Како министер за здравство планирам следната недела да го викнам неговото семејство и постхумно да го одликувам. Во вонредна состојба сите работиме без да погледнеме во часовникот, информира Таравари.

Според објава на неговото семејство, Гочевски си дошол дома после тешката ноќ, легнал да спие и не се разбудил.

Слични содржини