Цело време ги охрабруваме општините да спроведуваат проекти во рамките на финансиските можности. Знам дека голем дел од општините помагаат на домаќинствата со набавка на инвертери и замена на системи. Овој процес е почнат повеќе од 4 години и правиме замена на системите и ќе продолжиме, изјави министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова околу мерките за заштита од аерозагадувањето.
Според неа, анализите се јавни и покажуваат дека 45 отсто од загадувањето доаѓа од домаќинствата, но секако и од јавни институции кои не користат еколошки системи за затоплување.
-Секој граѓанин треба да придонесе во намалување на загадувањето на воздухот. Јас знам дека дрвата се користеле, се користат и ќе се користат, но на вистинскиот начин. Да се користат сува дрва за греење, да не се користат влажни. Да не се додаваат паркети, пластика, гума за да имате повеќе затоплување, а повеќе го загадуваме воздухот, кажа Шукова на брифинг со новинарите.
Веќе една година се прави мапирање и добиваат, рече, добри информации од сите општини. Во изминатите три години им било помогнато со катастари во кои се идентификуваат нивните загадувачи, а финансиски им помогнале и со подготовка на планови за воздух.