Граѓаните и компаниите со надеж дека Уставниот суд ќе го заштити нивното право на сопственост и ќе можат да си ги наплатат долговите

од Vladimir Zorba
146 прегледи

Во текот на следниот месец се очекува Уставниот суд да поведе постапка по иницијативи за оценување на уставноста на членот 2 и членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигациони односи. Граѓаните и компаниите кои имаат побарувања по различни основи, полагаат големи надежи во Уставниот суд, бидејќи тоа е единствената шанса да ги наплатат своите побарувања. Со измените на Законот за облигациони односи, во член 2, кој сега е оспорен пред Уставниот суд, се предвидува застарување на побарувањата по 10 години. Ваквото законско решение ги погоди доверителите, меѓу кои има и граѓани и компании, кои покрај тоа што 10 години не можеле да ги наплатат своите побарувања, сега треба и да ги отпишат.

„Ова законско решение е небулозно и спротивно со правото на сопственост што е загарантирано со Уставот. Освен што се нарушува правото на сопственост, на овој начин доверителите се оштетуваат двојно. Имено, покрај откажување од основното побарување, тие сега треба да се откажат и од дополнителните трошоци што настанале по основ на постапки за наплата на долговите, што е недозволиво. Од друга страна се штитат должниците кои преку различни манипулации избегнале да го платат својот долг“, велат адвокатите.

Оттаму додаваат дека во јавноста се прави забуна. Имено, во иницијативите до Уставниот суд се бара преиспитување само на два члена од законот, кои не се однесуваат на висината на каматите за настанат долг и тие воопшто не е предмет на овие инцијативи. Каматите се намалени со измените и тие се регулирани во друг член кој нема воопшто да се разгледува во рамки на постапката по иницијативите поднесени до Уставниот суд. Должниците намерно ги прават овие забуни за да ја придобијат јавноста на своја страна, велат тие.

Помеѓу доверителите има и граѓани од ранливи групи кои имаат побарувања по различни основи, како на пример, алиментација, наплата на надомест за издршка на дете, побарувања од остварување на надомест од несреќен случај, при услови кога настапува смрт, телесна повреда или оштетување на здравјето, а проблематичен аспект се и постапките за исплата на плата и други надоместоци од работен однос.

Стручната јавност смета дека Уставниот суд покажа силен интегритет и отвореност да анализира и оценува иницијативи за деликатни законски решенија од повеќе аспекти и коментираат дека времената мерка и запирањето на примената на овој член им дава насоки како да постапуваат во периодот до конечната одлука по овие иницијативи.

Уставниот суд одлучуваше по иницијативите поднесени од адвокатот Љупчо Кузмановски и иницијативата поднесена од Предраг Баришиќ.

Слични содржини