Граѓаните на Аеродром и Ново Лисиче преку Манифест бараат прогласување на вонредна состојба во Скопје поради токсичниот воздух, во спротивно најавуваат граѓанска непослушност

Групата „СТОП за смрдеата во АЕРОДРОМ и ЛИСИЧЕ - „ВОЗДУХ СЕГА!“ повикаа на итни мерки против загадувањето предизвикано од пожарите на депониите Дрисла и Вардариште, како и пожарот во Трубарево.

од Vladimir Zorba
93 прегледи Фото: Фејсбук/Принтскрин

Групата „СТОП за смрдеата во АЕРОДРОМ и ЛИСИЧЕ – „ВОЗДУХ СЕГА!“ повикаа на итни мерки против загадувањето предизвикано од пожарите на депониите Дрисла и Вардариште, како и пожарот во Трубарево.

„Излегување на токсичен воздух, па уште заедно со децата нема да ги вразуми и преку ноќ да почнат да работат правилно. Бојкот е лекот! Не протести за замена на фотељи со нови лажни ветувања!“, велат граѓаните од овие населби и ги истакнаа своите барања преку „МАНИФЕСТ ЗА ЧИСТ ВОЗДУХ“.

„Ние, граѓаните на Скопје – населба Аеродром, Лисиче и поширокиот регион – обединети повикуваме на итни мерки против загадувањето предизвикано од пожарите на депониите Дрисла и Вардариште, како и пожарот во Трубарево.

Наши итни барања:

1. Прогласување на вонредна состојба во Скопје поради токсичниот воздух.
2. Итно гаснење и санација на пожарите со мобилизирање на сите расположливи ресурси.
3. Заштита на населението:
• дистрибуција на маски,
• отворање здравствени пунктови,
• предупредувања во реално време.

Наши долгорочни барања:

4. Затворање и модернизација на депониите Дрисла и Вардариште со современи еколошки стандарди.
5. Нова стратегија за управување со отпад.
6. Вистински мониторинг на воздухот со јавни податоци достапни во реално време (без лажирање на податоците)
7. Одговорност и отчетност од сите институции задолжени за заштита на животната средина.

Нашата порака:

⚠️ Не бараме козметички мерки.
⚠️ Не бараме празни ветувања.
⚠️ Бараме конкретен план, рокови и јасна одговорност.
💚 Воздухот е наше право, не привилегија.

Ако нема реакција:

👉 Ќе повикаме на бојкот и граѓанска непослушност:
• Бојкот на настава – ученици и студенти нема да присуствуваат на часови додека не се обезбеди здрав воздух.
• Бојкот на работно место – работници ќе одбиваат да се појавуваат на работа во услови на отровен воздух.
• Бојкот на избори – граѓаните нема да учествуваат на избори додека институциите не покажат конкретна акција за чист воздух.
• Боjкот на сметки, даноци и други давачки кон институции што ја игнорираат кризата“, стои во барањата на граѓаните.