Граѓаните на Кичево победија: Почна расчистувањето на депонијата што го труеше градот кој почнува да дише!

од Марта Пешевска
20 прегледи

По три месеци постојани протести и јавно искажување на незадоволство, жителите на Кичево конечно ја добија првата победа – надлежните институции започнаа со активности за решавање на деценискиот проблем со депонијата во центарот на градот. Оваа депонија, која веќе осум години претставуваше извор на загадување, непријатна миризба и здравствени ризици за граѓаните, конечно влезе во фокусот на надлежните служби, благодарение на притисокот од локалното население.

Од политичката партија Левица информираат дека доследниот отпор на граѓаните, нивната упорност и одлучност преку мирни протести, ги принудиле институциите да преземат конкретни чекори. „Ова е доказ дека кога народот е гласен и обединет, институциите мора да реагираат,“ велат од таму.

Иако процесот е на почеток, жителите на Кичево се надеваат дека ова ќе биде трајно решение, а не само моментален одговор на јавниот притисок. Тие остануваат внимателни и подготвени повторно да се мобилизираат, доколку институциите не го испочитуваат ветеното. Граѓанската упорност покажа дека промените се можни, дури и кога проблемот се влече со години.