Граѓаните на протест во Кочани: Тишина, тага и гнев – бараат правда за жртвите

од Даниел Ѓорѓиевски
427 прегледи

Голем број граѓани денеска се собраа на плоштадот во Кочани, носејќи врамени слики од своите најблиски, кои ги загубија животите во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“. Во тивка атмосфера, полна со болка и гнев, граѓаните палеа свеќи во текот на ноќта, а утринава оваа практика продолжи без прекин.

На плоштадот е поставен шатор на Црвениот крст, каде што доброволци и медицински персонал им пружаат поддршка на оние на кои им е потребна помош. Голем број луѓе се потпишуваат во книгата на жалост, додека меѓу насобраните има и деца кои носат транспаренти со пораки за правда и осуда на корупцијата.

Обвинителството укажува на бројни неправилности поврзани со објектот каде што избувна пожарот, истакнувајќи дека дискотеката не ги исполнувала стандардите за ноќен клуб. Според последните информации, над 80 лица се хоспитализирани во Северна Македонија, додека 50 се пренесени на лекување во странство, од кои 20 се во критична состојба.

Во меѓувреме, пристигнува и меѓународна помош – тимови од лекари од Србија, Грција, Бугарија и други земји, бидејќи во земјава нема специјализирана амбуланта за изгореници. Амбулантни возила, хеликоптери и авиони се ангажирани за транспорт на пациентите.

Истрагата продолжува, а властите ветуваат дека ќе биде спроведена темелно и транспарентно. Граѓаните, пак, остануваат на плоштадот, во очекување на одговори и правда.

Слични содржини