„Граѓаните психички да се подготват за војна“: Изјавата на министер предизвика паника меѓу Швеѓаните

од Stefanija Kuzmanovska
302 прегледи

Предупредувањето на двајца високи претставници на одбраната до Швеѓаните да се подготват за војна, предизвика загриженост во јавноста и обвинувања за непотребно поттикнување паника.

Имено, се започна кога шведскиот министер за цивилна одбрана Карл-Оскар Болин на конференција за општеството и одбраната изјави дека „во Шведска може да има војна“. Зад таа порака застана и главниот воен командант, генерал Микел Бајден, кој додаде дека Швеѓаните треба „психички да се подготват за таа можност“.

Не помина долго време пред опозициските политичари да се спротистават на тонот на ова предупредување. Поранешната премиерка Магдалена Андерсон за шведската телевизија изјави дека, иако безбедносната ситуација во земјата е сериозна, „не е како војната да е пред вратата“.

Понатаму, организацијата за правата на децата Брис соопштила дека националната линија за помош обично не прима повици од граѓани кои се плашат од војна, но оваа недела има зголемен број загрижени повици од млади луѓе кои ги виделе вестите или објавите на TikTok кои зборуваат за тоа.

„Ова беше добро подготвено, не беше нешто што беше кажано туку така“, изјавила портпаролката на Брис, Маја Дал за Би-Би-Си.

И покрај грубиот начин на кој беше пренесена пораката, коментарите на министерот и на воениот командант се сметаат за повик за будење.

Слични содржини