Граѓаните се повеќе плаќаат со картички и со мобилни телефони

од Nikola Popovski
278 прегледи

Народната банка на Република Северна Македонија ги објави податоците од доменот на платежната статистика за третиот квартал од 2023 година.

Податоците покажуваат дека и во третиот квартал од 2023 година се бележи нагорен тренд во употребата на дигиталните канали за извршување на плаќањата во земјата, особено од граѓаните, како на платежните картички, така и на мобилните апликации за електронско иницирање на кредитните трансфери, т.н. платни налози.

Годишниот раст на употребата на платежните картички издадени во земјата за готовински трансакции и за плаќање производи и услуги во земјата од страна на граѓаните во третиот квартал од оваа година, во споредба со истиот период минатата година, изнесува 12,8% кај бројот и 10,0% кај вредноста на овие трансакции. Притоа, значителен годишен раст од 15,1% е забележан кај употребата на картичките за плаќање производи и услуги во земјата, којшто пред сѐ се должи на посилниот раст на плаќањата на физичките места на продажба од 15,9%, но и солиден раст од 9,0% на плаќањата на виртуелните (интернет) продажни места.

Плаќањата на граѓаните со кредитни трансфери (т.н. платни налози) во истиот период забележаа годишен раст од 9,3% кај вредноста и 5,0% кај бројот на остварените трансакции, при натамошна зголемена употреба на електронското банкарство за иницирање на овие плаќања. Имено, бројот на електронски иницираните платни налози во третиот квартал од 2023 година забележа годишен раст од 16,1%, што е повеќе за 10,8 п.п. од годишниот раст во третиот квартал од 2022 година (5,3%). Во споредба со истиот период од 2022 година, се забележува позитивен нагорен тренд особено кај употребата на апликациите на мобилните телефони, или годишен раст од 19,5%, како и кај употребата на компјутерите за извршување на плаќањата (11,8%).

Слични содржини